Раскол во Барса: Абидал ги нападна играчите, Меси му врати!

4

Најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси жестоко му одговори на спортскиот директор на Барса, Ерик Абидал кој во изјава за каталонски Спорт ги нападна играчите дека биле незадоволни последниот период и не тренирале доволно добро.

Меси не е познат по вакви одговори, но сега, едноставно, не можеше да го премолчи нападот врз него и соиграчите.

„Искрено, не сакам вакви работи, но мислам дека секој треба да биде одговорен за своите задачи и да одговара за своите одлуки. Играчите за она што се случува на теренот и ние сме први кои признаваме кога не сме добри.

Спортскиот менаџмент, исто така, треба да ја преземе одговорноста и да се грижи за одлуките кои ги носи. Кога се зборува за играчите, треба точно да се прецизираат имињата бидејќи тогаш се обвинува цел тим и се зборуваат работи кои не се вистинити“, изјави Меси.

Во Каталонија постои верување дека ова обраќање на Аргентинецот може да предзивика земјотрес во управата на Барселона. Шпанскиот шампион оваа сезона е далеку од своето ниво, заостанува три бода зад Реал, а се соочи и со многу проблеми во играчкиот кадар како последица на лошата политика на раководството. Ова е само уште една епизода во кризата во тимот. Минатата недела, како што објавија медиумите во Шпанија, дошло до обид за физичка пресметка меѓу Пике и Меси на еден од тренинзите.