„Распаднатиот“ Вардар гостува во Португалија и е аутсајдер за бодовите

14

Европскиот првак Вардар денес ќе му гостува на Порто, кој ја доби фаворитската улога за бодовите поради проблемите со кои се соочува противникот. Првата меѓусебна средба во Скопје заврши со очекуван триумф на вардарци, кои во тој момент играа во одлична форма. Второто соочување се очекува да има поинаков тек на настаните со оглед на значително намалениот квалитет на ростерот со кој располага Стевче Алушовски.

По серијата порази во Лигата на шампионите, македонскиот претставник одигра надмоќно и мотивирано и запиша бодови против Мотор Запорожје. Ѕвездите на бранителот на титулата на момент потсетија за што се способни и покажаа дека достојно ќе ја завршат сезоната без разлика на кризата.

Португалскиот клуб посакува токму на средбата со Вардар да го потврди своето учество во нокаут фазата. Само чудо ќе го спречи да не биде таму, бидејќи има висока предност пред конкурентот за последното место кое носи во осминафиналната фаза, Мотор.

Најавите дека Вардар ќе се распадне и дека има големи проблеми ги натера играчите на Порто да бидат внимателни во најавата и и да веруваат дека секој меч против европскиот првак има исклучителна тежина.

Натпреварот меѓу Порто и Вардар се игра денес со почеток од 16:00 часот.