Расте бројот жртви на студеното време во Авганистан

1

 

Бројот жртви како последица на студеното време во Авганистан расте, со регистрирани 120 починати за две седмици, изјави синоќа официјален претставник на авганистанските власти.

Шафиула Рахими, портпаролот на Националната управа за управување со катастрофи на земјата, изјави за ДПА дека повеќе од 50 куќи се целосно или делумно уништени, а од студот угинале 70 илјади грла најразлична стока.

Оваа зимска сезона е особено студена во Авганистан каде според националното Одделение за метеорологија температурата во централната провинција Гор овој месец се спуштила и до 34 степени Целзиусови под нулата.

Со студеното време расте бројот респираторни заболувања, со околу пет илјади деца хоспитализирани за една недела, соопшти вчера талибанското Министерство за здравство. Од белодробни воспаленија починале 21 пациент во Памир во провинцијата Бадакшан. Има и случаи за семејства починати како последица на задушување поради несоодветно загревање простории.

Главниот град Кабул со околу 5,5 милиони жители е во мрак бидејќи соседен Узбекистан го прекина извозот на електрична енергија во Авганистан. Министерот за надворешни работи на Талибанците го повика Ташкент да ги почитува условите од договорот за снабдување со електрична енергија.

Децениски војни, долготрајни сушни периоди и елементарни непогоди имаа разорно влијание врз Авганистан.

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) вчера соопшти дека на 28,3 милиони луѓе – две третини од населението на Авганистан – ќе им треба итна хуманитарна помош во 2023 година.