Расте бројот на заразени во Црна Гора, докторите се жалат дека заразените ги кријат контактите

16

Црногорските здравствени власти вчера во последната дневна статистика соопштија за рекордни 116 новозаразени со коронавирус, со што бројот на заразени во земјата, која се наоѓа во вториот бран на епидемијата, достигна 1.771, скоро шест пати повеќе отколку во првиот кога имаше 324 заразени.

Бројот на починати во вториот бран на епидемијата, кој започна во средината на јуни е 23, што е над двојно повеќе од првиот бран од март до средината на мај кога беа регистрирани 9 смртни случаи.

Во пет општини на северот на земјата, Бјело Поље, Беране, Петњица, Плевља и Рожаје, е прогласена епидемија пред две недели и таму се на сила уште поригорозни мерки, кои предвидуваат забрана за работа на угостителски објекти, забрана за собирање на повеќе од две лица и забрана за напуштање на домовите по 19 часот.

Епидемиолозите од црногорскиот Институт за јавно здравје го како поголем проблем во контролата на епидемијата го наведуваат фактот дека заразените ги кријат своите контакти, за наводно да ги заштитат, со што им се овозможува на оние кои немаат симптоми да го шират вирусот.

„Криењето на луѓето со кои заразените биле во контакт може да создаде дури и поголем проблем. Имено, луѓето не сакаат да ги пријавуваат своите контакти мислејќи дека ги штитат, што не е точно. Ова им штети на контактите затоа што може да се случи луѓето да немаат никакви симптоми, туку само да ја носат инфекцијата и да заразат нивни блиски“, рече епидемиологот Игор Галиќ за РТЦГ.