Рашковски за „Фокус“ самиот потврди дека е во Мексико

6

Поранешниот генерален секретар на Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма, Драги Рашковски самиот потврди дека е во Мексико.

Во изјава за Фокус, тој вели дека е на одмор со семејството.

„Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14. и таму ќе бидеме до 31. овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува“, изјави Рашковски за Фокус.

На прашање, дали побегнал, како што се пишува, Рашковски одговора:

„Зошто би бегал?“

Информацијата дека заминал за Мексико денеска на Фејсбук ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кој не спомена име, но објавата асоцираше на Рашковски.

„Дали висок функционер од СДСМ, актуелен во неколку афери, со целото семејство и голем багаж, пред неколку дена од Скопскиот аеродром одлетал за Мексико?За ова има или нема белешка од АНБ, ЈО, МВР или слична институција?“, напиша Петрушевски.

Дали Рашковски заминал за Мексико, денеска го прашаа и премиерот Зоран заев, на прес-конференцијата во партиското седиште. Тој рече дека не може да знае каде се сите вработени во Владата и најави дека утре е праша, па ќе информира.

„Верувајте, јас за сите вработени или ангажирани во Владата ниту се обидувам да имам контрола, ниту знам. Тие си имаат право на свој одмор, право на одлучување“, рече Заев.

Рашковски деновиве е актуелен во јавноста по сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, кој тој ја направил во времето кога беше генерален секретар на Владата.

„360 степени“ пред една недела ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.