Реакција на ТВ21: Платите на сите вработени се исплатени без никакви кратења и редовно

70

Владата на РСМ објави список на компании кои добиле државна помош поради Ковид 19, но парите не ги исплатиле на своите работници.

Подоцна е објавен нов ажуриран список, веројатно поради воочените грешки. Една од грешките, намерна или ненамерна не знаеме, беше и тоа што во првиот список кој беше објавен, а потоа ажуриран и поправен, се најде и името на ТВ21.

Сепак, ТВ21 најодговорно тврди, за што секако имаме и докази, дека сите плати на секој вработен се исплатени и покрај тешкотиите со кои се соочивме во функционирањето поради Ковид 19.

Тоа можат да го посведочат, се разбира банкарските трансакции, но и самите вработени. ТВ21 најодговорно тврди дека платата за месец април 2020 е исплатена во месец, мај, потоа платата за месец мај 2020 е исплатена во јуни, а платата за месец јуни е исплатена во месец јули. Воедно започна и предвремена исплата и за платата за месец јули. За ова секако се свесни и го знаат сите вработени, бидејќи платите ги добиле на своите трансакциски сметки.

Единствено ТВ21 доцнеше со исплатата на здравственото и пензиското осигурување, но и тие обврски во изминатите денови се реализирани.

Но, сепак уште еднаш потенцираме дека платите на сите вработени, без кратења и без намалувања се исплатени.

ТВ21 брои 90 вработени, а годишно кон државата испаќа 500 илјади евра давачки. Во услови на епидемија со Ковид 19, како многу други компании така и ТВ21 имаше потешкотии при функционирањето. Сепак, и покрај таквата состојба, ТВ21 донесе одлука да нема кратење на бројот на вработени, ниту пак да има некакво намалување на платите на вработените.

Напротив и покрај една таква тешка состојба целата сума на плата на секој вработен е исплатена месец за месец. Би сакале да веруваме дека е некаква системска грешка, која секако подоцна во новиот ажуриран список е исправена. Но, сепак останува фактот дека намерно или не, со оваа грешка нанесена е голема штета на угледот на ТВ21 како компанија и како медиум.