Регулаторна прифаќа да ја врати старата цена на струјата, но ако се согласат енергетските компании

30

Регулаторна прифаќа да ја врати старата цена на струјата, но ако се согласат енергетските компании
Ако ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ ги повлечат барањата за поскапување на струјата, тогаш и Регулаторната комисија за енергетика ќе ја повлече одлуката за нејзино поскапување, вели за Алфа првиот човек на телото за регулирање на цената на струјата, Марко Бислимовски. Според него се е можно, но само ако енергетските компании достават нови барања и се согласат дека ќе работат без добивка.

– Доколку ЕЛЕМ односно ЕСМ и МЕПСО кажат дека сакаат да се намали електричната енергија и достават други податоци, тогаш РКЕ во рок од три дена има можност да ги промени своите одлуки, но повторувам дека станува збор за трошоци кои РКЕ ги сведе на минимум, вели Бислимоски.

Според Бислимовски, со овие цени кои се одобрени, енергетските компании ќе работат само за да ја преживеат годината. Поточно, екстра приходите што ги добивала ЕЛЕМ од продажбата на вишоци, годинава ги нема, односно компанијата имала пад од 17 милиони евра. Од друга страна и МЕПСО има помали приходи од транзитирање на струјата, и тоа од околу 11 милион евра.

Согласно методолгијата на РКЕ се гарантира и одреден профит за енергетските компании, но се што е над тој лимит, според Бислимоски, се одзема.

– На МЕПСО му се одземени 13,25 милиони евра екстра приходи кои ги има остварено, а на ЕВН ХОУМ 4,5 милиони евра. Значи на ниту еден начин не дозволуваме компаниите да остварат профит надвор од дозволените рамки, вели Бислимоски.

Од 2019 година повеќе не определуваме цена за ЕЛЕМ односно за ЕСМ и тие сами си определуваат и се јавуваат на тендерот на ЕВН ХОУМ. Тоа изнесува 42,24 проценти од вкупните трошоци. Има законска обврска електричната енергија произведена од повластените производители да се откупува и тој трошок се префрлува кај сите останати снабдувачи. Тој трошок изнесува 7,19 проценти. Исто така има и маржа за универзалниот снабдувач кој се утврди врз основа на тендерот што го распиша Владата и таа маржа изнесува 11,5 проценти и ние мора да ја применуваме. Значи точно на 59,74 проценти не можеме да влијаеме, појаснува Бислимоски.

Ако струјата поскапи за 7,4% колку што се најавува, од Сојузот на Синдикатите на Македонија бараат и зголемување на платите колку што поскапува струјата. Првиот човек на ССМ за Алфа рече дека одлуката е избрзана.

– Поскапувањето на струјата е избрзана одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Претседателството на ССМ ја разгледуваше одлуката на РКЕ и констатира дека ова досега најголемо зголемување на цената негативно ќе влијае на животниот стандард на работниците, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

За поскапувањето на струјата претходеа бројни реакции во јавноста. Протести со барање за поништување на одлуката се одржаа во Тетово, Куманово, Дебар, Гостивар и во скопски Чаир. Граѓаните рекоа големо „НЕ“ за поскапувањето и најавија уште помасовни протести.

Против поскапувањето на струјата се реагираше и најголемата опозициска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката на регулаторите ја осуди и експертската јавност. Сметаат дека енергетските компании треба да ја трошат акумулираната добивка од претходниот период и да го намалат бројот на вработени за 20% за цената на струјата да не расте во овој период на економска и здравтсвена криза.