Резултат на активната блокада од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е тоа што дури сега се разгледуваат извештаи за работата на институции од 2021 година, вели Џафери

13

Претседателот на Собранието, Талат Џафери истакна дека тоа што извештаи од работата на некои институции од 2021 година се разгледуваат сега во 2023 година е резултат на активната блокада од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Апсурдно е извештаи за работата на институции од 2021 година да се разгледуваат во 2023 година. И јас се согласувам дека е апсурд тоа. Уште поголемиот апсурд и иронија е за апсурдноста да зборува некој кој што на 10 мај лани кога била точка на дневен ред Извештајот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија активна блокада на Собранието и како резултат на таа активна блокада е извештајот. Зошто? Затоа што не се разгледала на Комисија или како што беше вчера на пленарна ратификацијата на отворањето на културните центри во Белград и Скопје, реагираа дека договорот е склучен во февруари 2022 година, се донесува во март 2023 година, зошто не се планирани средства? Знаете кога е разгледан тој договор на Комисијата за надворешна политика? На 21 март 2023 година, рече Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

Прашан од новинарите во врска со тоа дека неговиот син Барлет Џафери откако го положил завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители се пријавил на последниот оглас за прием што го распиша Советот на јавни обвинители, спикерот Џафери рече дека остава неговата работа да си зборува.

-Колку синови и ќерки има кои носеле одлуки и носат одлуки па никој ништо. Мора да се работи професионално на она што е подготвен и спремен. Уште си ги поминува процедурите, а перцепциите оставаме работата да си покаже, рече Џафери.