Ременски се надева на запирање на постапката на обвинителството против неа

12

Денеска во обвинителството дадовме одговори и појаснувања за прашања којшто можеби биле причина за отварање на истрагата. Секако, ги расчистивме сите прашања кој што се во тој конекст како дилема на Јавното обвинителство и сметаме дека врз основа и на исказите и врз основа на прибраните докази, Јавното обвинителство ќе цени да ја запре постапката кон мене. Ова денеска после два часа разговор со обвинител од Одделот за организиран криминал и корупција го изјави потпретседателката на македонското Собрание, Фросина Ременски, која во ОЈО беше повикана да даде исказ за случајот „Рекет“, која воедно беше и дел од раководството на организацијата „Меѓународен сојуз“ на првообвинетиот во овој случај Бојан Јовановски, попознат како Боки 13.

Вчера во истото обвинителство исказ даваше Јасна Мандиќ. Таа била втор човек во „Меѓународен сојуз“ и една од најблиските соработнички на Бојан Јовановски.

По распитот нејзиниот адвокат Душко Јанковиќ рече дека неговиот клиент неспорно бил доведен во заблуда.

– Правнички речено, во стварна заблуда. Не само таа, туку и други биле донесени во заблуда. Кога не знаете дека некој позади вас има друг план и крои нешто друго, односно еве да речеме измама во овој предмет, тоа е стварна заблуда. Нејзиниот потпис го има во договорот со „Дрим билдинг“ и мислам дека и со „Пелистер“ бидејќи е координатор на проектот и дел од „Меѓународен сојуз“. Таму има повеќе имиња и презимиња кои се сведоци во постапката. Тоа е еден колегиум од пет особи од „Меѓународниот сојуз“ кои потпишуваат – кажа Јанковиќ.

До крајот на неделата обвинителството планира да ја заврши истрагата, со распитите на Бојан Јовановски и неговиот татко Миле Јовановски како и со личната асистентка на Боки 13, скопјанката Христина Блажевска.