Рецесијата се продлабочува, мерките помогнаа, но има и голем долг

22

Рецесијата се продлабочува во Северна Македонија и таа ќе биде најголема во изминативе две децении, оцени Светска банка, презентирајќи го редовниот есенски извештај за земјите од Западен Балкан.

„Ковид-19 пандемијата силно ја погоди Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година“, пишува во Извештајот.

Сепак, според табелата што ја презентираше Светска банка, економскиот пад на нашата држава е умерен во однос на другите земји. Според предвидувањата, најголем пад ќе има економијата на Црна Гора минус 12,4, потоа е Косово со минус 8,8 проценти, Албанија со минус 8,4 проценти, па Македонија со прогнозиран пад на бруто-домашен производ од 4,1 проценти за оваа година, а подобри се прогнозите за Босна и Херцеговина – минус 3,2 проценти и Србија минус 3 проценти. Прогнозата за цел Западен Балкан е минус 4,8 проценти, а за ЕУ е минус 8,4 проценти.