Рејчел Галовеј: Нападите, особено против жените новинарки, годинава се зголемија

13

Во текот на месец октомври, британската амбасадорка Рејчел Галовеј заедно со Канада беше домаќин на виртуелниот настан за Консултации за слобода на медиумите, каде беа дискутирани слободата на медиумите и моменталните состојби во Северна Македонија. Последователно од овие разговори, денеска го одбележуваме Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, со изјава на британската амбасадорка Рејчел Галовеј:

„Слободата на медиумите на глобално ниво е во состојба на опаѓање, кое само се забрза за време на пандемијата со КОВИД-19. Новинарите и медиумските организации ширум светот се соочуваат со ограничувачки закони и казнени законски мерки. Исто така, забележано е значително опаѓање на безбедноста на средините што им овозможуваат на медиумските професионалци да си ја вршат својата работа. Тие страдаат од физичко насилство, вербално вознемирување и убиство, честопати неказнето. Последица на ова заплашување е самоцензурата, што е директна пречка за квалитетното новинарство.

Задоволна сум што во Северна Македонија, состојбата на медиумите е подобрена во споредба со 2017 година. Медиумската клима е генерално погодна за промоција на слободата на изразување и овозможува критичко известување, но сеуште постојат предизвици. Нападите, особено против жените новинарки, се зголемија. Од јануари до денес, имало 14 напади врз новинари – во споредба со 2019 година кога имало само 4. Ниту еден од нив досега не постигнал судска разрешница.

Независните и квалитетни медиуми се борат да преживеат комерцијално и зависат од меѓународните донатори. Само-регулирањето на медиумите и професионалното, етичко новинарство е клучно во борбата против дезинформациите и лажните вести, кои се пропагираат од портали на интернет, многу од нив поддржани и од надворешни извори. Овие проблеми се рефлектираат и на глобално ниво а предизвиците не може да се игнорираат.

Од оваа причина, беше основана Коалицијата на министри за слобода за време на првата Глобална конференција за слобода на медиумите што се одржа во Лондон во 2019 година. Тоа е партнерство на земји кои работат заедно и се залагаат за слобода на медиумите и безбедност на новинарите и бараат одговорност од тие што им наштетуваат на новинарите за вршење на нивната работа. Коалицијата ги вклучува Обединетото Кралство и Северна Македонија, кои ја потпишаа Глобалната заложба за слобода на медиумите, писмена обврска за подобрување на слободата на медиумите на домашно ниво и заедничка соработка на меѓународно ниво. Сега посилна за 37 земји, Коалицијата е уникатно соодветна за адресирање на постоечките и новите закани по слободата на медиумите ширум светот.

Обединетото Кралство е голем поддржувач на Северна Македонија во овие непредвидливи времиња за да го заштити овој основен столб на демократијата и слободните општества. Ние ќе продолжиме да се залагаме за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и ќе бараме одговорност за оние што ги повредуваат новинарите.”