РКЕ лани издала 267 лиценци за ОИЕ со вкупна инсталирана моќ од 152,2 мегавати

4

 

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во 2022 година има издадено 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 152,2 мегавати, кои се приклучени или на преносна или на дистрибутивна мрежа и веќе произведуваат електрична енергија. Од нив 106,5 мегавати се фотонапонски електроцентрали, 36 мегавати ветерни електроцентрали, 7,2 мегавати мали хидроцентрали и 2,5 мегавати термоелектроцентрали на биогас.

Во споредба со претходната 2021 година вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) е зголемен за седум отсто.

-Инсталираниот капацитет на овие електрани од ОИЕ одговара на инсталираниот капацитет што го имаат ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Света Петка и ветерниот парк Богданци. Со произведената електрична енергија од новоизградените електрани од ОИЕ може да се снабдат 65.700 домаќинства или сите домаќинства од Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека 2022 година е рекордна досега во областа на ОИЕ и додаде дека очекува 2023-та да биде уште подобра. Посочи дека земјава е најнапред во регионот во областа на енергетската транзиција, односно преминувањето од производство на електрична енергија од теремоелектрани во производство од ОИЕ.

-Во новата 2023 година веќе имам добиено нови 13 барања за поставување на фотоволтаици, со што продолжува трендот и верувам дека ќе имаме нови 250 до 300 мегавати од ОИЕ. Тоа ја зголемува енергетската независност на државата, рече Бислимоски.

ОИЕ, како што кажа, се тешки за балансирање на електроенергетскиот системи и затоа РКЕ годинава ќе се фокусира на носење на подзаконска регулатива за поставување на батерии со цел произведената електрична енергија од ОИЕ, пред се од фотоволтаиците, да може да се користи и во другите периоди од денот, а не само додека се произведува.

-Веќе имавме средба со директорот на МЕПСО, а со измените на Законот за енергетика се воведува можност за носење на подзаконска регулатива за батериите. Најверојатно секој што ќе изгради фотоволтаик ќе има обврска да постави батерии со инсталиран капацитет, кој ќе може да акумулира 10 до 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија. Тоа ќе ја зголеми инвестицијата за 20 до 30 отсто, но Европската комисија нуди сериозни субвенции за батерии и верувам дека ќе важат и за нашата земја со што нема значајно да се зголеми инвестицијата, рече Бислимоски.

Поставувањето на батерии, како што кажа, иако првично изгледа како трошок може да биде и позитивно за спречување на дебалансите и овозможување на израмнување на дијаграмот за производство со што трошокот за обврската за балансирање на системот во целост нема да оди кај ЕСМ.

-Ако производителот на електрична енергија со фотоволтаик не се држи до номинацијата за производство и од било кои причини се намали производството со што ќе влезе во дебаланс, тој дебаланс многу повеќе би го чинел отколку што би го чинела инвестицијата во батерии, посочи Бислимоски и додаде дека батериите им даваат стабилност на фотволтаичните електрани за да можат да го планираат производството.