Родителите на убиените момчиња нетрпеливо го чекаат Заев на „Монструм“

13

Родителите на убиените момчиња во случајот „Монструм“ со нетрпение во судница очекуваат да се сретнат со поранешниот премиер Зоран Заев. На денешното судење тие го прашаа судијата кога Заев ќе дојде во судот на што добија одговор дека тој е веќе на пат кон судот и според најавите, во 11 часот треба да пристигне.

Претходно на рочиштето беше пуштен дел од снимка од собраниска седница на која тогашниот премиер Зоран Заев добива пратеничко прашање од Зоран Илиоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кое се однесува на случајот „Монструм“. Прашањето упатено од Илиоски кон Заев се однесува на тоа дали снимките за кои тој тврдел дека се докази за „Монструм“ се навистина докази или се однесуваат на разговор во кој обвинетиот Фејзи Азири зборува со Невзат Бејта за добивање на субвенции. На ова, на тогашната седница одржана на 26 април 2018 Заев одговара дека се што имал како доказ за „Монструм“ било предадено во СЈО и дека, без оглед дали се работи за случајот Смилковско, кумановските настани… сторителите мора да се откријат до крај. На ова Илиоски повторно му возвраќа дека манипулира и дека претходно зборувал за докази за Смилковско, а сега вели дека се работи за разговор околу субвенции и дека Заев ја лаже јавноста.

По ова видео кое беше пуштено како доказ на барање на родителите тие го прашаа судијата Огнен Ставрев: „Судија, кога ќе дојде Заев во судница, за ние да може да се расправиме со него?“. На ова добија одговор дека Заев секој момент треба да пристигне во судот каде ќе се појави како сведок во случајот „Монструм“.