РОДНИНИТЕ ДА ДАДАТ КРВ ЗА ДА ГИ ИДЕНТИФИКУВАМЕ ЖРТВИТЕ: Пендаровски најави брза и темелна истрага за пожарот

24

Повикани се роднините на починатите пациенти во тетовската модуларна болница и тие сега ќе треба да дадат крв за да може побрзо да се изврши идентификацијата на жртвите, оти поради изгорениците, не можете визуелно да откриете за кој пациент станува збор, рече претседателот Стево Пендаровски, кој попладнево ја посети тетовската болница каде што синоќа избувна пожар и однесе 14 човечки животи.

– Тоа што ме информираа е дека ниту еден од преживеаните пациенти не е во животозагрозувачка состојба. Не смееме да дозволиме истрагата да трае со месеци, оти македонската јавност заслужува брза истрага. Мора да реагираме брзо и да направиме темелна истрага. Помош ќе пристигне од неколку членки на НАТО; од нејмоќните држави во Европа кои ќе исрпатат експерти во Тетово. Нивното доаѓање се очекува да се случи во следните 48 часа – рече Пендаровски.

На новинарско прашање колку се безбедни и другите модуларни ковид болници низ земјава, претседателот одговори дека верува во тврдењето на Министерството за здравство дека модуларните болници се изградени по сите стандарди.

– Го видов соопштението на Министерството за здравство кое вели дека модуларните болници се изградени по сите стандарди, па јас во моментов не можам конкретно да одговорам на прашањето. Оставете да поминат неколку дена, сè уште е рано за да се носат заклучоци. Јас инсистирам секогаш да има одговорност, и морална и политичка, а во моментов не можам да тврдам дали постои основ за такво нешто. Јас не сум единствениот кој постојано бара правна држава и одговорност. Било што било, но сега треба да претставуваме пример за тоа како државата се справува со голема трагедија – истакна претседателот Пендаровски.