Ројтерс: Инвазијата на Украина ги зближи ЕУ и Балканот

3

Иако земјите од Западен Балкан имаат долг пат пред влезот во Европската Унија, лидерите од регионот и 27-члениот блок се обидоа да го зајакнат партнерството на самитот во Тирана.

На самитот беа преземени мал број конкретни чекори за иднината на регионот во ЕУ, но беше ветен одреден напредок следната недела, во подобра атмосфера отколку во претходните разговори, вели Ројтерс.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека се надева на „позитивен сигнал“ на самитот на ЕУ на 15-16 декември во однос на кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина, а германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека е неопходна визна либерализација за Косово.

На претходниот самит во јуни, балканските лидери јавно и остро ја критикуваа ЕУ за недостигот од напредок во пристапните преговори поради разочарувањето што тие не ни почнале или заглавиле, неколку години откако им беше ветено евентуално членство.

Колебањето по повод понатамошниот пристап во ЕУ е широко распространето меѓу земјите-членки, но руската инвазија на Украина ги натера да посветат повеќе енергија на зајакнување на врските со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, според Ројтерс.

„Уште од почетокот на руската агресија во Украина, Западен Балкан, кој Европа го заборави, почна да се препознава како место каде што се шири геополитичкиот конфликт“, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб.

„Интеграцијата на тој регион е важна за стабилноста на Европа во сите аспекти“, изјави тој за новинарите.

Шолц рече дека забележал ново, попозитивно расположение меѓу членките на ЕУ во однос на можноста земјите од регионот да се приклучат на блокот во споредба со пред неколку години, пред руската инвазија на Украина.

„Сосема сум сигурен дека се појави нова инклузивна динамика и дека скептицизмот изразуван од неколку земји-членки пред неколку години сега прерасна во подготвеност активно да се протурка тоа“, рече Шолц за новинарите по самитот.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен исто така предупреди на зголеменото влијание на Кина на Западен Балкан.

„Забележуваме многу јасно дека војната во Украина не е само сурова војна на Русија против Украина, туку и прашање дали ќе победат автократиите и законот на посилните, или ќе победат демократијата и владеењето на правото“, рече шефицата на ЕК.

На крајот од самитот, лидерите на ЕУ ја повторија својата „целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и повикот за забрзување на тој процес“.

„Имаше фрустрации… но ние никогаш не ја изгубивме вербата во ЕУ“, рече албанскиот премиер Еди Рама, домаќин на самитот, кој во јуни рече дека бавното темпо на процесот на пристапување е „срамота“.

„Напредокот што беше постигнат во последните години, несомнено забрзан со војната (во Украина), е огромен“, рече Рама на англиски јазик.

На маргините на самитот, ЕУ подготви нов предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија со јасна временска рамка за активностите, изјавил висок дипломат на ЕУ. Нацртот на предлогот беше испратен до двете страни во понеделникот, рекол дипломатот, кој сакал да остане анонимен. Тој додал дека очекува Србија и Косово да постигнат конечен договор за помалку од една година.

Во чекорите кон интеграција, мобилните оператори во ЕУ се согласија да ги намалат трошоците за роаминг за регионот од октомври 2023 година, а Брисел вети 1 милијарда евра енергетски грантови.

Претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу ја повика ЕУ да премине од зборови на дела, пренесе АП.

„Косово ќе аплицира за членство во ЕУ до крајот на оваа година“, рече Османи Садриу, додавајќи дека се надева дека визната либерализација за нејзината земја ќе биде одобрена на самитот на ЕУ следната недела.

Белгискиот премиер Александар де Кроа истакна дека патот до членство на земјите од регионот ќе продолжи да биде долг. „Знаеме дека има напредок, знаеме дека постои амбиција да се забрза тој напредок… но нема пократок пат.“

Ројтерс истакнува дека на самитот биле видливи и старите балкански тензии што го кочат пристапниот процес.