„Ројтерс“: Путин прави маневри за да се задржи на власт

9

По предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за измени во Уставот кои би ја ослабнале функцијата претседател, премиерот Дмитриј Медведев ненадејно поднесе оставка. Додека многумина сметаат дека овој потег е маневар на Путин да остане на власт по истекот на мандатот во 2024 година, сè уште не е јасно како тој има намера да го стори тоа.

Владимир Путин најави измени во Уставот кои би можеле да го продолжат неговото владеење бидејќи мора да се повлече од функцијата претседател на крајот на мандатот во 2024 година. По најавените измени, неочекувани оставки си поднесоа премиерот Дмитриј Медведев и владата, пишуваат светските медиуми.

Предложените уставни измени и оставката на Медведев се сметаат за подготовка на теренот за 2024 година, кога 67-годишниот Путин треба да се повлече од функцијата претседател, посочува агенцијата „Ројтерс“.

Најважниот предлог што го изнесе Путин во своето обраќање пред нацијата во средата е да се намалат овластувањата на претседателот и да се зајакне моќта на премиерот. Путин рече дека сака Долниот дом на парламентот да има моќ да го избере премиерот и другите клучни функции, со што би се зголемила улогата и важноста на парламентот, но и независноста и одговорноста на премиерот.

Критичарите веќе долго време го обвинуваат рускиот претседател дека планира од некоја функција да ја задржи контролата врз една од најголемите држави и една од двете најголеми нуклеарни сили, наведува „Ројтерс“, додавајќи дека според сегашниот Устав, претседателот може да има максимум два последователни мандати, но и дека поддржувачите на Путин едноставно не можат да го замислат рускиот политички живот без него.

Предлозите на Путин, за кои рече дека треба да бидат ставени на референдум, ќе му дадат можност да ја преземе зајакнатата премиерската улога по 2024 година или позицијата шеф на Државниот совет, која исто така сака да ја зајакне, оценува британската агенција, додавајќи дека тој дури би можел да биде претседател на значително зајакнатиот парламент.

Набргу по обраќањето на Путин до нацијата, Медведев си поднесе оставка, што, како што истакнува „Ројтерс“, беше изненадување дури и за многумина во Русија и довело до пад на вредноста на рубљите и акциите, иако пазарот брзо се соземал. Путин кажа дека Медведев ќе ја преземе новата функција заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност, истовремено номинирајќи го помалку познатиот шеф на даночната служба, Михаил Мишустин, за нов премиер.