Ројтерс: Србија е под притисок и на Западот и на Русија

14

Србија е под притисок и на Западот и на Русија, оценува британската агенција Ројтерс во анализата пред самитот на НАТО.

Макрон од октомври ја доведува во прашање ефикасноста на НАТО, привремено го сопре проширувањето на ЕУ и повика на нов „стратегиски однос“ со Русија, а Ројтерс оценува дека голем број држави имаат причина да обратат внимание на неговиот дипломатски стил на „размрдување“, но дека само неколку од нив ќе ги почувствуваат неговите зборови поконкретно од Србија.

За Белград, како што се наведува, секое повлекување на Европа или на НАТО, би можело да отвори простор за Русија да ја пополни празнината, имајќи ги предвид блиските политички, воени и економски односи на Москва и Србија.

Тоа веројатно ќе биде разгледувано на самитот на лидерите на Алијансата, кои следната недела ќе се соберат во Лондон за да разговараат за иднината на воениот пакт „бидејќи Балканот, како Балтикот, може да се смета за рампа против влијанието на Москва“.

Ројтерс го цитира соработникот во Атлантскиот совет и експерт за руското влијание Димитар Бечев кој вели дека ако Западот престане да се ангажира и го препушти регионот, тогаш Русија ќе има многу прилики да ја искористи ситуацијата.

Од друга страна, ако Србија влезе во ЕУ, Бечев вели дека би можела да личи на Кипар или Унгарија, членките на ЕУ кои имаат блиски односи со Москва.

„Србија ќе биде слаба или проруска ако заврши во ЕУ, што не е лош исход ни за Русија“, тврди тој.

Ројтерс потсетува и на разузнавачката афера во Србија која ја наведува како „последниот пример на наводното мешање“ и ја пренесува изјавата на неименуван функционер на НАТО дека Алијансата работи на промоција на стабилноста, безбедноста и соработката на западниот Балкан.

„Секое надворешно мешање во внатрешните демократски процеси е неприфатливо. Ја повикуваме Русија да го направи истото“, наведе тој.

Ројтерс потсетува дека Макрон одби да даде зелено светло на Албанија и Македонија за отворање на пристапните преговори со ЕУ и оценува дека, иако Србија веќе ги почна преговорите за членство, сега ги чувствува последиците на Макроновото одбивање да ги отвори врати на ЕУ за останатите.

Србија, истакнува Ројтерс, е посветена на воената неутралност, иако речиси сите соседни земји се придружија на НАТО или планираат тоа да го направат.

Истакнува дека Србија е членка на програмата на НАТО „Партнерство за мир“ и дека учествува во вежби на НАТО, но укажува на односите на српската и руската војска и технологијата која Москва ѝ ја обезбедува на Србија.

Британската агенција оценува дека, иако Москва нема пари за да им парира на Кина или ЕУ за трошоци или инвестиции во регионот, таа има значително влијание.

Во тој контекст се спомнува гасоводот Турски тек кој, како што се наведува, ја прави Србија „клучна алка“ во енергетскиот гасовод кон ЕУ и ја споредува улогата на Србија со улогата на Украина како посредник во снабдувањето со гас на ЕУ пред конфликтот со Москва.