РСЕ: Косово води кампања за заштита на признавањата на својата независност

12

 

Косовските дипломати го зголемија бројот на средби со своите колеги од земјите за кои Србија тврди дека го повлекле признавањето на независноста на Косово, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на албански јазик.

На почетокот на јануари, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека девет земји го повлекле признавањето на Косово и дека се очекува и десета да го стори истптп, без да прецизира за која земја станува збор. Според него, деветте земји се Сомалија, Буркина Фасо, Габон, Есватини (Свазиленд), Либија, Гвинеја, Антигва и Барбуда, Света Луција и Малдиви.

На 16 јануари, министерот за надворешни работи на Того во Белград објави дека неговата земја го повлекла признавањето на Косово. Не е јасно дали изјавата на Вучиќ за повлекување на признавањето се однесувала на Того како десетта земја, пишува Радио Слободна Европа.

Косовската министерка за надворешни работи и дијаспора Доника Гарвала-Шварц рече дека Того го повлекло признавањето на Косово уште во 2019 година.

Косовските власти соопштија за спроведени средби со претставници на некои од земјите за кои Вучиќ вели дека го повлекле признавањето на Косово, како дел од напорите да се отфрлат тврдењата на Србија, што наиде на официјален одговор од косовското Министерство за надворешни работи. Министерството ги оспори тврдењата на Вучиќ, наведувајќи дека „тие не се потврдени ниту по разговорите со претставниците на различни нивоа на овие земји, ниту по консултациите со важните партнери“ на Косово.

„Србија мора итно да се откаже од агресивните напади против Косово и неговиот суверенитет и да се врати на преговарачка маса со фокус на взаемно признавање“, се вели во реакцијата на косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора од 5 јануари.

Тензиите меѓу Белград и Приштина се постојани откако Косово прогласи независност во 2008 година, која Србија одбива да ја признае. Европската Унија и САД се обидуваат да им помогнат на двете земји да ги нормализираат односите, но засега безуспешно.