Русија повторно ја нападна енергетската инфраструктура во Украина

2

 

Властите на Киев ги повикаа жителите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија откако руските напади ја оштетија енергетската инфраструктура.

Енергетската компанија ДТЕК утрово соопшти дека била принудена да изврши итни прекини на струјата.

Гувернерот на регионот Киев, Олексиј Кулеба, ги повика жителите на главниот град да внимаваат на потрошувачката на енергија.

– Во моментов регистрираме зголемување на потрошувачката на електрична енергија и прекумерно оптоварување на мрежата, напиша Кулеба на Телеграм.

Кулеба им нагласи на граѓаните дека е важно да не се заборава на разумната потрошувачка на струја, наизменично да се користат енергетски интензивни уреди и струјата да се користи умерено.

Украинската војска тврди дека во текот на ноќта соборила 39 ирански дронови Шахед, но наведува дека остатоците сепак ја оштетиле инфраструктурата.

Од остатоци исто така се оштетени 11 приватни куќи, соопшти рече Кулеба.

Канцеларијата на главниот обвинител на Украина смета дека нема жртви во ноќните напади.

– Обвинителите и истражителите работат на лице место за да ги документираат прекршувањата на меѓународното хуманитарно право од страна на земјата агресор, се вели во соопштението на канцеларијата.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко претходно информира дека Русија во текот на ноќта испратила 40 дронови во главниот град на Украина. Тој го цитираше извештајот на украинската армија според кој 15 беспилотни летала се уништени над соседните региони, три во регионот на Киев, додека останатите 22 беспилотни летала се уништени над самиот Киев.