Русија повторно ја предупреди БиХ за НАТО

6

Амбасадата на Русија во Босна и Херцеговина го повтори предупредувањето околу форсирањето на таа земја да стане членка на НАТО, наведувајќи дека тоа би претставувале „јасен антируски чекор“ на кој Москва би морала да одговори.

„Зачленувањето на која било земја во Алијансата подразбира апсолутна поддршка на воените и политички цели на НАТО, значи на антируските чекори, што значи дека дејствувањето на секој држава членка во рамки на Алијансата ќе се смета за насочено против Русија“, се наведува во изјавата на амбасадата, пренесува Радиотелевизијата на Република Српска.

РТРС побарала коментар од руската амбасада за најавата на претседавачот на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ дека неговата земја без оглед на руските закани ќе го продолжи својот пат кон членството во НАТО.

„Ние ќе продолжиме со нашиот НАТО пат и за тоа нема никого да прашуваме“, кажа Џаферовиќ вчера во Брисел по средбата со генералниот секретар на воениот пакт Јенс Столтенберг.

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик веднаш потоа истакна дека сè што Џаферовиќ кажа во Брисел го кажал во лично и во име на својата политичка партија.

„БиХ не донела одлука за интеграција во НАТО, ниту зазела став за состојбата во Украина ниту за влијанието на која било трета држава на БиХ“, порача на Твитер Додик, кој со години се противи на приближувањето на БиХ на членството во НАТО.

Амбасадата на Русија сега објасни дека поради својата национална безбедност „ќе биде присилена да преземе одбранбени мерки“ против државите кои ќе станат членки на НАТО.