Русија се заканува дека ќе возврати со одмазднички чекори кон Финска

22

Русија соопшти дека ќе биде принудена да преземе „одмазднички чекори“ поради потегот на нејзиниот сосед Финска да се приклучи на НАТО. Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија се вели дека овој потег сериозно ќе им наштети на билатералните односи, како и на безбедноста и стабилноста во северна Европа.

Реакцијата уследи откако финскиот претседател и премиерка повикаа земјата да поднесе барање за членство во НАТО „без одлагање“.

Финска дели 1.300 километри граница со Русија. Досега, таа остана надвор од НАТО за да избегне кавга со својот источен сосед. Финска официјално ќе ја објави својата одлука во недела откако ќе биде разгледана од парламентот и од други високи политички фигури.

Шведска соопшти дека ќе објави слична одлука истиот ден.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека очекува процесот за членство на Шведска и Финска да се случи „доста брзо“.

Белата куќа соопшти дека САД ќе ја поддржат апликацијата за НАТО од двете земји доколку тие аплицираат.

Руското соопштение го опиша потегот на Финска како „радикална промена во надворешната политика на земјата“. „Пристапувањето на Финска во НАТО ќе предизвика сериозна штета на билатералните руско-фински односи и одржувањето на стабилноста и безбедноста во северноевропскиот регион“, се вели во соопштението.

„Русија ќе биде принудена да преземе одмазднички чекори, и од воено-техничка и од друга природа, со цел да ги неутрализира заканите за нејзината национална безбедност што произлегуваат од ова“, се додава во соопштението.

Сепак, Москва не прецизираше какви чекори планира да преземе. Рускиот заменик-претставник во ОН, Дмитриј Полјански, рече дека Шведска и Финска ќе станат можни цели за Русија доколку станат членки на НАТО, според руската новинска агенција Риа.

Претседателот на Финска Саули Ниинисто одговори на руската загриженост и ја обвини инвазијата на Москва за овој потег. „Приклучувањето во НАТО не би било против никого. Вие го предизвикавте ова“, изјави тој алудирајќи кон Русија.

Анкетата на јавното мислење минатата недела покажа дека поддршката во Финска за приклучување кон НАТО е 76 отсто, со 12 отсто против, што претставува голем пораст на поддршката споредено со времето пред инвазијата.

Финска изгуби 10 отсто од својата територија во конечниот мировен договор по Втората светска војна и остана неврзана во текот на Студената војна.

Нејзиното пристапување во НАТО повеќе од двојно ќе ја зголеми должината на границите на Русија со Алијансата. Шведска нема граница со Русија.