Руските медиуми: Пристигнаа нарачки за милијарди дози вакцини од целиот свет

22

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) досега има добиено барања од разни земји во светот за вкупно над 1,2 милијарда дози вакцина „спутник V“, користени за борба против коронавирусот, објавија руските медиуми.

„РДИФ доби барања за повеќе од 1,2 милијарда дози ‘спутник V’ за периодот 2020-2021 година. Повеќе од 50 земји во Европа, Азија, Средниот Исток и од Латинска Америка поднесоа апликации”, рече шефот на РДИМ, Кирил Дмитриев.

Претходно, РДИФ објави договори постигнати со партнери во Мексико за набавка на 32 милиона дози, Бразил до 50 милиони дози, Индија – 100 милиони дози и Непал – 25 милиони дози вакцини.

„Гледаме голем интерес за вакцината од голем број азиски земји. Во врска со ова, РДИФ изразува подготвеност за снабдување со вакцини на други земји во регионот бидејќи новата коронавирусна инфекција е наш заеднички непријател, што може да се победи само со заеднички напори“, рече Дмитриев.

Руската „спутникV“ е првата регистрирана вакцина против коронавирусот. Произведена е од Институтот „Гамалеи“, а на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Руската Федерација.

Големите клинички испитувања – фаза III, со најмалку 40.000 учесници, Русија ги почна на 26 август, но испитувањата сè уште не се завршени. Првите резултати од овие тестови се очекува да бидат објавени во октомври или ноември.