Руски опозициски активист регрутиран и пратен на Арктикот

8

Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални ја осуди присилната регрутација на еден од своите соработници, кој бил испратен во воена база на Арктикот, јавува Би-би-си.

Руслан Шавединов бил одведен во понеделникот од својот дом во Москва на околу две илјади километри оддалечениот архипелаг Новаја земља.

Навални ги обвини властите дека го грабнале активистот, за кој тврди дека бил ослободен од служење војска.

Воениот рок е задолжителен за сите Руси на возраст меѓу 18 и 27 години, но постојат исклучоци од здравствени или други причини.

Московскиот суд во понеделникот ја одбил жалбата на Шавединов, кој се повикувал на медицински причини.

Тој вечерта бил изведен од својот стан и престанал да се јавува на мобилниот телефон. За неговото исчезнување извести непрофитната организација на Навални ФБК.

Лидерот на опозицијата тврди дека Шавединов вчера успеал да позајми телефон и да му јави дека бил одведен во базата на противвоздушните единици на руската војска во Рогачово на Новаја земља.

Активистот тврдел дека е под постојан надзор, дури и додека е во тоалет.

Шавединов ги водел проектите на Навални и неговиот Јутјуб-канал и беше негов портпарол кога минатата година се обиде да се кандидира на претседателските избори, јавува Би-би-си.