Рускоска: Никој не влијае врз мојата работа

53

Остри критики упати лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на сметка на обвинителството и судовите во неговото обраќање на вчерашниот протест против неправдата. Осврнувајќи се на аудио-снимката во која се слуша гласот на поренешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, снимка што ја презентираше нивниот пратеник, Антонијо Милошоски, а вчера и ја достави до Обвинителството, Мицкоски изрази незадоволство од постапувањето на Обвинителството.

„И еве, поминаа повеќе од 48 часа, а нема никаква, никаква суштинска реакција ниту од Рускоска, ниту од било кој друг. Ако Заев е ‘капо де тути капи’ на мафијата, главните советници и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски, запаметете ги овие имиња. А, гледаме дека ништо помалку не биле ни тие од Врховниот суд, врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца, плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се претставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев“, обвини Мицкоски.

„Постапувам за оваа пријава исто како што постапувам и за секоја друга“, вели за ДВ, обвинителката Вилма Рускоска.

„Вчера Антонијо Милошоски ме праша каква е понатаму процедурата со аудио-снимката што ја достави. Направив една паралела. Кога Јордан Камчев дојде да поднесе пријава, достави аудио и видео снимки, а при поднесувањето на записникот за кривичната пријава посочи и лица кои би можеле да посведочат за веродостојноста на тоа што тој го кажува. И додека се чекаше вештачењето на материјалите што ни ги достави, лицата што ги посочи беа повикувани да дадат исказ. Му сугерирав и на Милошоски – ако може да посочи сведоци, бидејќи така многу би се забрзала постапката“, вели обвинителката Рускоска.