Руското чудо од дете, Камила Валиева е позитивна на допинг

2

15-годишната руска лизгачка која беше брилијантна на Зимските олимписки игри е во центарот на голем скандал, имала позитивен допинг тест.

Малата Камила Валиева го освои светот со историскиот четирикратен скок, но сега стигнуваат непријатни вести за неа од руските медиуми. Таа била позитивна на допинг тест.

Според руските весници „РБЦ“ и „Комерсант“, Валиева била позитивна на триметадазин, лек против ангина и вртоглавица кој може да го зголеми протокот на крвта и да ја подобри издржливоста поради што се наоѓа на листата на забранети супстанци на Светската антидопинг агенција (ВАДА).

Валиева беше дел од рускиот тим кој во понеделникот го освои златниот медал во екипна конкуренција пред САД и Јапонија, но доделувањето на медалите беше одложено од нејасни причини. Сега се верува дека токму позитивниот тест бил причината.

Се уште се чека конечна одлука за распределба на медалите, дали на русите ќе им биде одземен златниот медал.

Не се знае ниту дали Рускиот олимписки комитет ќе поднесе жалба, но Валиева и понатаму тренира. Руската лизгачка федерација само потврди дека таа засега не е суспендирана.

Ситуацијата е комплицирана и поради годините на Валиева, таа се уште нема 16 години и според светскиот антидопинг кодекс нејзиното име не смее јавно да биде соопштувано.

Доколку Валиева биде казнета се очекува санкцијата да биде помала отколку за спортист од над 16 години.

Кинескиот пливач Сун Јанг во 2014 година исто така беше позитивен на триметадазин, тој тогаш доби тригодишна суспензија.