Сабонис подобар од Јокиќ: Индијана го изненади Денвер (ВИДЕО)

12

Во НБА-лигата на програмата беа само два натпревари. Индијана славеше на гостувањето кај Денвер, додека Сан Антонио на домашен паркет беше подобар од Мајами.

Нагетс водеа во најголем дел од натпреварот против Пејсерс, но гостите во финишот се изборија за петти триумф во низа. Најзаслужен за тоа беше Домантас Сабонис, кој стигна до својот прв трипл-дабл во кариерата со 22 поени, 15 скока и 10 асистенции. Одличен во дресот на Индијана беше и Даг Мекдермот, кој постигна 18 поени од своите 24 во последниот период. Никола Јокиќ беше единствениот расположен кошаркар во таборот на домашниот тим и постигна 30 поени и 10 скока, а по 16 поени постигнаа Џерами Грант и Вил Бартон.

Сан Антонио и Мајами одиграа интересен и неизвесен натпревар, кој домашните го добија во самиот финиш со 107-102. Пет играчи на Спарс имаа двоицифрен ефект, а најефикасен беше Ламаркус Олдриџ со 21 поен, Демар Дерозан имаше 20 поени, а Пети Милс 18. Бам Адебајо со 21 поен и 16 скока беше најзабележителен кај Хит, Горан Драгиќ постигна 19, додека Џими Батлер имаше тивка вечер со само 16 поени.