Сади Гадафи ослободен од затвор

12

Либиските власти го ослободија од затвор Сади Гадафи, синот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи кој беше симнат од власт и убиен за време на бунтот во 2011 година, пренесуваат светските медиуми.

Либискиот премиер Абдул Хамид Дбеибе преку Твитер објави дека 48-годишниот Сади Гадафи е ослободен во согласност до претходната судска одлука. Гадафи набргу потоа со авионски лет заминал за Истанбул.

За време на бунтот, Сади Гадафи избега во Нигер, по што беше пронајден и испорачан во Либија во 2014 година, а оттогаш беше затворен во Триполи. Излегувањето на Гадафи на слобода е резултат на преговорите помеѓу племенските водачи и премиерот Дбеибе.

Тројца од седумте синови на Моамер Гадафи беа убиени за време на бунтот што доведе до соборување на либискиот лидер. Потоа беше формирана и влада на национално единство. Братот на Сади, Саиф ал-Ислам Гадафи, неодамна изрази намера да се кандидира на претседателските избори во Либија закажани за декември.