САД ги евакуираат Американците од крузерот кај Јапонија, патниците се гневни (ВИДЕО)

19

Најмалку 40 Американци од околу 400 кои се наоѓаат на крузерот Дајмонд принцес, кој е задржан во карантин во близина на јапонскиот брег, се заразени со коронавирусот.

„Заразените американски државјани ќе се лекуваат во јапонски болници“, соопшти Ентони Фаучи, директор на американскиот Национален институт за заразни болести.

Соединетите Држави истовремено ги евакуираат останатите американски државјани од крузерот, но на доброволна основа.

Досега по американските патници пристигнале повеќе десетици автобуси. Тие потоа со авиони ќе бидат префрлени во САД, каде ќе минат 14 дена во карантин.

„Ако кај некои патници за време на летот со авион се развијат симптоми на болеста, ќе бидат префрлени во посебен дел на авионот“, кажа Фаучи.

Претходно заразените патници ќе останат на лекување во јапонските болници.

Патниците кои не покажуваат симптоми, јавува Си-ен-ен, се гневни бидејќи мораат во нов карантин. Досега планот беше да бидат на бродот две недели, до крајот на инкубацискиот период кој требаше да заврши на 19 февруари.

Потоа, како што беше кажано, со комерцијални летови ќе се вратат во САД.

Сепак, во саботата добија нова информација, дека почнува евакуацијата и дека ќе бидат префрлени во САД. Кога ќе пристигнат таму, почнува нов период од 14 дена карантин. Сите кои ќе одбијат да отидат во САД, во Јапонија мора да чекаат 14 дена бидејќи американската влада нема да го смета карантинот на бродот како доказ дека лицето е без вирус.

Тоа предизвика гнев кај многу патници. Се прашуваат зошто оваа одлука доаѓа дури сега, односно што се сменило во американската политика.

Бродот со 3.711 патници и членови на екипажот беше ставен во карантин на почетокот на февруари, откако тестирање покажа дека маж кој се истоварил во Хонг Конг е позитивен на новиот коронавирус.

Вчера за заразени беа прогласени 355 лица. Тие се хоспитализирани, но не е познато колку американски државјани има меѓу нив.