САД го убиле лидерот на Ал Каеда со дрон, Бајден: Правдата е задоволена

1

Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека лидерот на Ал Каеда, Египќанецот Ајман ал Завахири, бил убиен во американски воздушен напад врз Кабул, Авганистан, во неделата наутро, што е најголемиот удар за милитантната група откако нејзиниот основач Осама бин Ладен беше убиен во 2011 година.

Ал Завахари е убиен во напад со беспилотно летало.

Според информациите дадени од американски официјални лица, Завахири бил на балконот од неговата куќа кога дронот испукал два проектила кон него.

Присутни беа и други членови на неговото семејство, но тие беа неповредени, изјавија официјални лица.

Бајден: Правдата е задоволена

„Правдата е задоволена и овој терористички лидер го нема“, рече Џо Бајден во говорот од Белата куќа, додавајќи дека нема цивилни жртви.

„Нашите разузнавачки служби го лоцираа Завахири на почетокот на годината. Авганистан никогаш повеќе нема да биде рај за терористите“, рече Бајден.

Пристигнаа првите реакции

„Соочени со неподготвеноста или неспособноста на талибанците да се усогласат со нивните обврски, ние ќе продолжиме да го поддржуваме авганистанскиот народ со силна хуманитарна помош и ќе се залагаме за заштита на нивните човекови права, особено на жените и девојчињата“, рече американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

„Завахири се смета за еден од водачите на тероризмот кој го предводеше планирањето и извршувањето на грозоморните терористички операции во САД и Саудиска Арабија“, соопшти Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.

„Смртта на Ајман ал-Завахири е чекор кон побезбеден свет. Канада ќе продолжи да работи со нашите глобални партнери за борба против терористичките закани, промовирање мир и безбедност и заштита на луѓето овде дома и ширум светот“, рече канадскиот премиер. Џастин Трудо.

„Вечерашните вести се исто така доказ дека е можно да се искорени тероризмот без војна во Авганистан“, напиша поранешниот американски претседател Барак Обама на Твитер.

Кој беше Ал Завахири

Ајман ал Завахири беше водач на Ал Каеда и висок лидер на исламистичките организации кои организираа и извршуваа терористички напади во Северна Америка, Азија, Африка и Блискиот Исток. Египќанецот Ал-Завахири беше вториот и последен „емир“ на египетскиот исламски џихад, тој често беше нарекуван како десна рака на Осама бин Ладен, а биографите на Бин Ладен го опишуваат како „вистинскиот мозок“ на Ал Каеда.

Завахири, за чија „глава“ САД понудија 25 милиони долари, помогна во координирањето на нападите од 11 септември 2001 година, во кои беа убиени речиси 3.000 луѓе.

Американските разузнавачи со „висока доверба“ утврдија дека убиениот е Завахири, изјави за новинарите висок претставник на администрацијата. Немаше други жртви.

Во последните години неколку пати се шпекулира за смртта на Завахири, а долго време се зборуваше дека тој е во лоша здравствена состојба.

Неговата смрт покренува прашања за тоа дали Завахири добил засолниште од талибанците откако го презеле Кабул во август 2021 година. Официјалниот претставник рече дека високите талибански претставници биле свесни за неговото присуство во градот.

Нападот со беспилотно летало е првиот познат напад на САД во Авганистан откако американските трупи и дипломати ја напуштија земјата во август 2021 година. Овој потег може да ги зајакне гаранциите на Вашингтон дека Соединетите држави сè уште можат да се соочат со закани од Авганистан без воено присуство во земјата.

Во изјавата, портпаролот на талибанците Забихула Муџахид го потврди нападот и остро го осуди, нарекувајќи го кршење на „меѓународните принципи“.