САД очекуваат епидемијата на коронавирус да трае 18 месеци

3

Два месеци по првиот случај на коронавирус во САД, владата се подготвува на 18 месечна епидемија на вирусот во неколку бранови, пренесе Си-ен-ен.

Во последните 24 часа бројот на заразени порасна за 40 проценти и сега изнесува над 9.000, а починале најмалку 149.

Гувернерите на сојузните држави со денови повикуваа на поодлучна реакција на федералната влада. За тоа време во сите сојузни држави настапија целосни или делумни мерки на карантин. Затворени се училиштата, забранети се јавни собири, а кафулињата и рестораните се речиси секаде ограничени само на услугата – достава.

Градоначалникот на Сан Франциско им нареди на граѓаните да останат дома и да излегуваат само во случаи на крајна нужност, па во овој град во карантин се речиси 10 милиони луѓе.

Болниците во делови на САД пријавуваат недостиг на опрема, а голем проблем претставува и фактот што Америка практично нема јавно здравство туку само приватно. Се проценува дека околу 30 милиони Американци немаат никакво здравствено осигурување.

Најкритично е на југот од Џорџија, каде болниците за помалку од две недели ги потрошиле залихите кои требало да траат пет или шест месеци, а државата Њујорк побарала од федералните власти 110.000 болнички кревети бидејќи нема место во болниците.

Претседателот Доналд Трамп испрати американски воен болнички брод во Њујорк, кој, кога ќе стигне за една недела, ќе послужи како болница во градското пристаниште. На сила е и „Дифензив Продакшн Ект“, закон од 1950 година, кој во воени услови на државите им овозможува да ги контролираат сите производствени процеси.