САД регистрираа 35 588 заразени во еден ден – втор највисок број од почетокот на пандемијата

17

САД го забележаа вториот највисок дневен пораст на заболени лица со ковид-19 од почетокот на пандемијата откако во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 35 588 новозаразени. Само 24 април бројката беше повисока и изнесуваше 36 426.

Во десетина држави во САД изминатите денови е забележано зголемување на бројките, а некои од нив имаа и рекордни статистики за новозаразени.

Флорида, вчера, имаше најмногу нови случаи од појавата на вирусот – повеќе од 5 000. Во Аризона, Калифорнија, Мисисипи и Невада рекордни беа забележани ден претходно – во вторникот, а во Тексас најмногу заразени имаше во понеделник. Епицентар на ширењето на вирусот во Тексас е градот Хјустон за каде американските медиуми објавија и дека дури 97 отсто од капацитетите на интензивна нега во медицинскиот центар предвидени за пациенти со ковид-19 се пополнети.

Во изминатото деноноќие на ниво на САД се регистрирани и 756 смртни случаи со што вкупниот број се искачи над 120 100.

Универзитетот Вашингтон вчера прогнозираше дека до 1 октомври бројката на смртни случаи во САД би изнесувал 180.000, но ако 95 проценти од Американците носат маски тогаш цифрата на починати лица би била 146.000 лица.