САД се откажаа од контрола на судските реформи во Косово, Хоти изрази загриженост

21

Обвинителите треба да бидат избрани врз основа на нивните квалификации, а не поради политичката припадност или врски, се вели во соопштението од американската амбасада во Косово
САД се откажуваат од мониторинг на судските реформи во Косово, критикувајќи го изборот на главни обвинители и членови на Обвинителскиот совет на Косово (КПЦ).

Американската амбасада во Косово во соопштение посочува дека изборот на главните обвинители е нетранспарентен и е предмет за зголемен судир на интереси.

САД порачаа дека обвинителите треба да бидат избрани врз основа на нивните квалификации, а не како што се вели, поради политичката припадност или врски.

„Амбасадата на САД со години има мониторинг и менторска улога во процесите за избор на нови членови на Обвинителскиот совет на Косово (КПЦ) и за избор на главни обвинители. За жал, веруваме дека овие процеси сега се нарушени. Тие не се транспаренти и се предмет на зголемен судир на интереси. Бидејќи понатамошното вклучување на Амбасадата може погрешно да се протолкува како одобрување на овој нарушен систем, ние повеќе нема да учествуваме. Обвинителите треба да бидат избрани врз основа на нивните квалификации, а не од политичката припадност или врски“, се вели во соопштението на амбасадата на САД.

Во соопштението се додава дека се потребни измени во законската рамка за поддршка на КПЦ за да се врати транспарентноста и правичноста на овој систем.

Премиерот Авдулах Хоти на својот профил на Фејбук изрази загриженост од повлекувањето на САД од процесот и посочи дека косовската влада работи на реформи.

„Длабоко сум загрижен за одлуката на американската амбасада да се повлече од процесот на избор на главни обвинители и членови на обвинителскиот совет на Косово. Нивната загриженост треба да се сфати сериозно. Само транспарентен процес, без никаков судир на интереси или политичко влијание, обезбедува избори засновани на заслуги. Владата на Косово, преку Министерството за правда, работи на реформа на правдата, вклучително и контрола. Овој процес ќе обезбеди транспарентност, со внатрешни одговорности и взаемна контрола“, напиша Хоти.