Сали со верските лидери апелира до граѓаните: Ве молам, вакцинирајте се

17

Вакцинацијата е најбезбедниот начин за заштитата од ширење на вирусот и инфекцијата. Затоа ве молам, вакцинирајте се.

Ваков апел денеска упати министерот за здравство, Беким Сали, заедно со верските лидери: поглаварот на МПЦ г.г. Стефан; поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Шаќир Фетаху; бискупот на Католичката црква Киро Стојанов и претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви.

„Во време на пандемија кога речиси секој од нас е погоден од вирусот, кога дел од нас изгубивме наши драги најблиски, посакувам на овој заеднички начин да упатиме апел секој граѓанин да ја сфати потребата за вакцинација. Да одговори на нашиот повик за вакцинација и да не дозволи никој да ги поколеба во стремежот за спасување на својот и на животот на луѓето околу нас од оваа чума која веќе две години го смени начинот на нашето живеење“,апелираше Сали.

Апел до верниците испратија и верските лидерот. Поглаварот на МПЦ, порача дека подобро е нешто да се спречи отколку да се лекува.

„Се приклучуваме на вашиот апел граѓаните да се придржуваат на мерките што институциите задолжени за грижата на здравјето ги упатуваат веќе втора година. МПЦ преку свои соопштенија повеќепати во текот на изминатите две години како и во посланијата наменети за поголемите празници апелираше до верниот народ да се придржува до она на што апелираа задолжените институции. Подобро е нешто да го спречиме отколку потоа да го лечиме. И овој денешен апел треба да се разбере така дека подобро е да спречиме отколку да лечиме“, рече г.г. Стефан.

ИВЗ, рече нејзиниот поглавар Фетаху, во текот на пандемијата постојано носи одлуки и препораки кои се во рамките на она што го препорачуваат Светската здравствена организација (СЗО) и Министерството за здравство.