Самитот на НАТО ќе го спои проблематичното трио

18

Преведено од Економист

Прославата за седумдесетгодишнината од постоењето на НАТО требаше да биде триумфален марш. Просечниот животен век на сојузите за колективна одбрана во текот на изминатите пет века беше само 15 години. НАТО не само што успеа да доживее 70 години, туку и сè уште одлично функционира. Генералниот секретар Јенс Столтенберг вели дека тоа е „најсилниот сојуз во историјата“, додавајќи оти беше спроведено „најголемото зајакнување на колективната одбрана на една генерација и тоа за прв пат во историјата со распоредување на сили во источниот дел од Алијансата“.

Сепак, НАТО ја помина јубилејната година со претпазливост еднаква на една армија која навлегува на непријателска територија. Последната операција ќе биде лидерскиот состанок на 3 декември во Бакингемската палата, каде што кралицата ќе организира прием, а следниот ден е закажан самитот во Вотфорд надвор од Лондон.

По распадот на комунизмот, кругот на делување на НАТО се прошири од борбата против тероризмот во Авганистан, па сè до справувањето со пиратите кај Рогот на Африка. Но руската интервенција во Украина во 2014 година го поттикна враќањето на суштинската мисија за одбрана на Европа, на што НАТО жестоко одговори со распоредување на мултинационални бригади во трите балтички држави и во Полска. Алијансата постави сериозни цели за подготвеност со тоа што до наредната година треба да распореди 30 механизирани баталјони, 30 воздушни ескадрони и 30 воени бродови за интервенција во рок од 30 дена. Лани беше одржана најголемата воена вежба по крајот на Студената војна, „Здружен трозабец“, во која учествуваа околу 50.000 војници во и надвор од Норвешка, а наредната година од Америка ќе бидат испратени дополнителни 20.000 војници за воената вежба „Бранител 2020“.

Јасно е кој е првиот лик од фамозното трио. Тврдоглавоста на претседателот Доналд Трамп кон Алијансата веројатно објаснува зошто НАТО избра да го прослави својот 70-ти роденден во април со состанок на странски министри, наместо со шефови на влади. За да се избегне ризикот од уште една сериозна кавга каква што се случи на самитот во Брисел минатиот јули, кога Трамп дури се закани дека ќе ја повлече Америка од организацијата ако останатите не успеат да го почитуваат договореното. Сега организацијата повеќе не ја нарекува „застарена“, како што беше случајот на почетокот од неговиот мандат, но за разлика од неговите претходници, тој беше пожесток критичар на сојузниците кои не трошат доволно за одбраната, особено на Германија.

Освен НАТО, цел на критиките на Трамп можат да бидат и други теми. Тој може да падне во искушение да даде свој став за британските избори закажани за две недели. Двете теми се одлично поврзани: Џереми Корбин лидерот на Лабуристичката партија не му е наклонет на НАТО, како и на Америка, па така доколку стане премиер, ставот за британската одбрана може драстично да се промени. Сепак, Трамп има свои избори на кои треба да мисли, а во идната претседателска кампања можеби повеќе ќе го фали НАТО отколку да го критикува. Тој веќе се пофали себеси поради зголемувањето на трошоците во одбраната кај европските сојузници и Канада, кои се проценува дека достигнале дополнителни 130 милијарди долари меѓу 2016 и 2020 година.

Дури и Трамп да ги намали критиките, тешко дека некој друг ќе се воздржи околу сомнежите за американската посветеност, како на пример вториот „бељаџија“ меѓу претседателите, Емануел Макрон. Во едно скорашно интервју за „Економист“, Макрон изјави дека НАТО е „клинички мртов“. Тој се жалеше на немањето координација меѓу Америка и нејзините партнери, а и дека „стратегиски и политички членките треба да сфатат оти постојат проблеми“. Тој исто така изрази сомнеж околу почитувањето на Членот 5, според кој нападот на една членка е напад на сите во сојузот, па така „доколку режимот на Башар ал Асад реши да возврати со напад врз Турција, дали сите ќе се вклучат во одбраната на Турција?“

Коментарите на Макрон предизвикаа загриженост, а најмногу меѓу водечките држави поради неговите напори за стратегиски дијалог со Русија. Германија се сомнева дека тој сака посилна европска одбрана како замена за НАТО, наместо негово јакнење. Столтенберг вели дека „погрешна е идејата оти САД ќе ја напуштат Алијансата“ и инсистираше дека ЕУ „не може да ја брани цела Европа“, особено по брегзит откако 80 отсто од трошоците во одбраната на НАТО ќе потекнуваат од сојузничките надвор од ЕУ. По состанокот со Столтенберг во Париз на 28 ноември, Макрон порача дека постојат уште нерешени прашања и дека не треба да се очекува солидарност од сите сојузнички ако Турција реши да дејствува сама во Сирија.

Ваквата изјава го разлути третиот претседател во оваа драма – турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган. На неговата изјава, Ердоган му возврати „прво самиот да си ја провери својата клиничка смрт“. Турција е важна сојузничка во НАТО, но во последно време не се однесува како таква. Таа ја налути Америка со тоа што го купи рускиот систем за антиракетна одбрана „с-400“, а како резултат на тоа беше отфрлена од програмата за испорака на борбени авиони „ф-35“, поради стравовите дека ќе бидат компромитирани важни информации. Сега се смета дека Турција ги одложува одлуките за одбранбените планови во НАТО, затоа што бара од сојузниците да ја прогласат курдската паравојска ЈПГ од северна Сирија за терористичка група.

На самитот на Лондон сојузниците можеби ќе најдат начин како да ги ублажат пречките на Ердоган. Со малку среќа, Трамп можеби нема да ја уништи забавата. Сојузниците не само што ќе ја потврдат важноста на Членот 5 туку и ќе зборуваат за иднината, на пример дека вселената ќе стане петти домен за операции и за стратегиските последици од подемот на Кина. Исто така членките се согласија за ребаланс на централниот буџет на НАТО, според кој Германија ќе плаќа повеќе, а САД помалку до 2021 година. Но на самитот во Ватфорд нема да се даде одговор на незгодните прашања на Макрон, како на пример, што во иднина ќе значи Членот 5 и какво значење ќе има членството во НАТО?