Самит ЕУ – Западен Балкан утре во Тирана

0

Потврдување на клучното значење на стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Западен Балкан, како регион со јасна ЕУ перспектива е главната порака на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој што ќе се одржи утре во Тирана.

Ова е прв самит меѓу ЕУ и Западен Балкан во една од шесте земји во регионот.

Клучни теми на Самитот, како што е најавено, се заедничко справување со последиците од руската агресија врз Украина со фокус на негативните ефекти врз енергетската безбедност и достапноста на храна во регионот, но и за разгледување на координирани активности на безбедносните и одбранбени прашања, како што е борбата против дезинформации од странство и подобрувањето на колективната кибер безбедност.

Лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе разговараат за продлабочување на политичкото учество, со особен фокус на младите, како и за заедничко справување во насока на менаџирање на миграцијата долж рутата на Западен Балкан, што подразбира и усогласување на ЕУ политиката на визна либерализација и соработка за системот на репатријација.

На Самитот се поканети сите 27 земји членки на ЕУ и партнерите од сите шест земји од регионот на Западен Балкан. Присуството на претседателот на Србија Александар Вучиќ се уште не е потврдено, но ЕУ претставниците на денешниот брифинг во пресрет на Самитот, изразија увереност дека Србија ќе биде претставувана на највисоко ниво.

Пред почетокот на Самитот, се очекува телеком оператори од земјите од регионот и ЕУ да потпишат декларација, како прв чекор за намалување на цените на роаминг од октомври 2023 година.

Процесот, како што брифираат ЕУ претставници, ќе продолжи и понатаму, а операторите ќе преговараат со цел постигнување на крајната цел. Операторите, како што посочуваат, немаат никакви правни обврски и тоа го прават од нивна посветеност на одлуката за намалување на цените на роаминг услугите.

Во однос на идејата за постепено интегрирање на регионот со ЕУ и кои фази и области се планираат, како што појасни еден од ЕУ претставниците на денешниот брифинг, еден добар пример за тоа е заедничкиот пазар, што е еден клучен чекор кон усогласување и интегрирање на пазарот на Западен Балкан со пазарот на ЕУ, а целта е реплицирање на овој пример и во други сфери, како што е роамингот и формирање на заедничка платформа за трговија со енергенси.

Лидерите се очекува на крајот на усвојат заедничка декларација.

Во однос на усогласеноста на текстот од декларацијата и дали е потврдена од сите лидери, ЕУ претставниците на денешниот брифинг изразија увереност сите шест земји од регионот на Западен Балкан ќе ја потпишат и со тоа ќе биде пратена силна порака.

За тонот на декларацијата и дали ќе има и некои политички пораки од Самитот,  ЕУ претставниците брифираат, дека важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот ќе биде во фокусот, исто како и реафирмирање и забрзување на интегрирањето на регионот во ЕУ, но и тоа дека земјите ќе се движат повеќе и побрзо ако се партнер кој презема реформи и ги почитува принципите на ЕУ, како владеење на правото, правната држава и политики на добро владеење, со акцент дека не е само носење закони и реформи, туку и нивно спроведување и градење на добар трак рекорд во таа насока.

По завршување на пленарната сесија на Самитот ЕУ – Западен Балкан предвидена е прес-конференција во 14:30 по локално време.

Самитот ЕУ – Западен Балкан е дел од стратешката агенда на Советот на Европа 2019-2024. Претходниот Самит ЕУ – Западен Балкан се одржа во Брдо кај Крањ во Словенија во октомври 2021 година.