Самит на САД со африканските лидери – главни теми безбедноста, трговијата, вселената

6

На самитот со африканските лидери што деновиве се одржува во Вашингтон, САД предупредија дека Кина и Русија ја дестабилизираат Африка со своето растечко влијание, побараа поцврсти трговски врски со земјите од овој континент и поканиија неколку да учествуваат во освојување на Месечината и планетата Марс.

На тридневниот самит, прв ваков собир после седум години, учествуваат 49 африкански лидери на кои САД им ветија повеќе милијарди помош за нивните земји пред се за економски развој и борба против корупцијата, и Ковид-19, а во обид претседателот Џо Бајден да ја искористи личната дипломатија за враќање на влијанието на Вашингтон на овој континент.

Министерот за одбрана Лојд Остин, синоќа настапи на панел со неколку африкански лидери, изјавувајќи дека соперниците на САД користат валкани методи. Според него, Кина го шири своето присуство во Африка „на секојдневна база“, преку растечкото економско влијание.

-Загрижени сме што тие не се секогаш транспарентни во тоа што го прават, и тоа креира проблеми, кои на крај ќе придонесат за дестабилизација, ако веќе и не придонеле, рече Остин.

Шефот на Пентагон рече дека Русија „продолжува да наметнува евтино оружје“ и разместува „наемници низ цел континет“, истакнувајќи дека и „тоа ја дестабилизира ситуацијата“.

Администрацијата на Бајден планира да издвои за Африка 55 милијарди долари во тек на три години, вклучително и за финансирање на африканските доктори а во контекст на борбата со Ковид-19.

На самитот зеде учество и Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА). Две држави, Руанда и Нигерија, станаа првите африкански земји кои го потпишаа Договорот Артемида, вселенски проект воден од САД за меѓународнa соработка за летови и стационирање бази на Месечината и на Марс

На собирот денеска треба да настапи претседателот Бајден, со изјава дека САД подржуваат официјален прием на Африканскиот сојуз во Г-20.