Само вакцинираните ќе може да настапат на „Ролан Гарос“

15

Професионалните спортисти ќе мора да бидат вакцинирани против коронавирусот доколку сакаат да учествуваат на спортските натпревари во Франција. Ова се однесува и на вториот гренд слем во сезоната, „Ролан Гарос“, кој во Париз ќе почне на 22 мај.

Француските власти експресно си ги погазија зборовите откога пред два дена најавија дека ќе им биде овозможено и на невакцинираните да се натпреваруваат на „Ролан Гарос“. Ова го изјави министерката за спорт Роксана Марачинеану, а се по повод случувањата во Австралија и депортацијата на Новак Ѓоковиќ.

„Законот за вакцинацијата е усвоен и набргу ќе почне да се спроведува. Ова значи дека задолжителна ќе биде потврда за вакцинација за влез во сите јавни установи (стадиони, киносали, спортски објекти…). Тоа ќе важи и за учесниците и за гледачите, за Французите и за странците“, напишала министерката на „Твитер“.

По оваа одлука на француските власти, јасно е дека на Новак Ѓоковиќ му се врзани рацете во обидот да стане рекордер според бројот на освоени гренд слем трофеи. Од претходно тој знаеше дека без потврда за вакцинација нема да може да игра на третиот и четвртиот гренд слем, Вимблдон и Ју-ес опен.