Сандерс прогласи победа во Њу Хемпшир: „Ова е почеток на крајот на Доналд Трамп“

8

Левичарскиот сенатор, Берни Сандерс, прогласи победа на предизборите на Демократската партија во Њу Хемпшир во тесно водство пред Пит Бутиџиџ, поранешниот градоначалник.

„Оваа победа е почеток на крајот на Доналд Трамп“, им рече Сандерс на приврзаниците, кои извикуваа „Берни ќе го прегази Трамп“.

„Без разлика кој ќе победи, а ние секако се надеваме дека тоа ќе бидеме ние, ќе се обединиме и ќе го поразиме најопасниот претседател во модерната историја на оваа земја“, рече Сандерс.

Кандидатите сè повеќе ја потенцираат пораката за партиско единство.

Победата со само нешто повеќе од четвртина демократски гласачи во малата земја покажува сè уште поделена партија, во која умерените водат пред прогресивците.

Берни Сандерс, левичарскиот сенатор, води со околу 26 проценти од гласовите, веднаш потоа следува умерениот Пит Бутиџиџ, поранешен градоначалник, со околу 24 проценти по обработени повеќе од 90 проценти од гласачките места, пренесоа американските медиуми.

Изненадувачки, на третото место се наоѓа Ејми Клобучар, со скоро 20 проценти, која се најде меѓу фаворитите со прагматична порака, но полна со надеж.

Елизабет Ворен и поранешниот потпретседател Џо Бајден заостануваат со околу 9%, односно 8% гласови.

До крајот на февруари демократите ќе гласаат и во Невада и Јужна Каролина, по што ќе следува „супервторникот“ на 3 март, кога на гласање излегуваат 14 држави, меѓу кои и „тешкашите“ Калифорнија и Тексас, кои на конвенцијата ќе испратат вкупно 1.344 делегати.