Сведок во Ласкарци фатен во лага, пред суд на ништо не се сеќава

13

Поранешен возач во фирмата Дурмотурс, Бесник Халили денеска се појави како сведок за несреќата што се случи кај Ласкарци и негираше се што кажал пред јавниот обвинител пред неколку месеци, пишува Фокус. Денеска Халили на ништо не се сеќава за кобниот автобус кој го управувал од 2007 до 2014 година на релација Гостивар Скопје и обратно.

Иако даде заклетва дека нема лажно да сведочи, Халили сега тврди дека обвинителот не го запишал точно она што го кажувал кај него.

-Ова не е вистина, не се мои зборови. Јас не сум толку интелигентен да го кажам ова, тврди Халили.

Иако обвинителот запишал дека Халили пред него кажал дека во автобусот имало уред, копче за манипулација со тахографот, односно уред со кој се намалувала брзината со која се движел автобусот, денеска пред судот вели дека не се сеќава дека имало таков уред. Пред обвинителот опишувал каде стои ова копче, а сега вели дека не знаел воопшто за ваков уред.

Пред обвинителот тврдел дека тој лично го носел тахографот на сервисирање во фирма во Скопје по наредба на еден од обвинетите, Ремзи Мифтари, сега вели дека на ништо не се сеќава.

Адвокатите реагираат дека обвинителот однапред го прогласил сведокот за непријателски сведок на одбраната и се обидува да извлече нешто од сведокот што не го кажал. Обвинителот откри дека на минатото рочиште во судот го видел сведокот како разговара со обвинетиот Мифтари, иако не смее.

Судењето е во доказна постапка и се испитуваат сведоци. Во несреќата во февруари загинаа 16 лица а над 20 беа повредени.