Светска банка ја намали прогнозата за глобалниот раст од 4,1 отсто на 3,2 отсто

11

Светска банка ја намали прогнозата за глобалниот раст во 2022 година за речиси цел процент, од 4,1 на 3,2 отсто, поради влијанието на руската инвазија на Украина, изјави претседателот на таа меѓународна финансиска институција Дејвид Малпас.

Малпас на прес-конференцијата рече дека Светската банка предлага нова 15-месечна програма за финансирање на кризи од 170 милијарди американски долари како одговор на дополнителните економски шокови од војната, со околу 50 милијарди долари финансирање во следните три месеци.

Претседателот на Светска банка изјави дека новиот извештај за глобалните економски перспективи најмногу ја намали прогнозата за раст за Европа и Централна Азија, дури за 4,1 отсто, вклучувајќи ги Украина, Русија и околните земји.

Прогнозите за економски раст во развиените и многу земји во развој, исто така, се намалени поради растот на цените на храната и енергенсите предизвикани од прекини во снабдувањето поврзани со војната.

Се очекува денеска и Меѓународниот монетарен фонд да објави ревидирана прогноза за глобалниот раст.

„Се подготвуваме да продолжиме да реагираме на кризата, со оглед на мултиплицирање на кризата. Очекувам да разговараме со нашиот одбор во следните неколку недели за нов 15-месечен пакет од околу 170 милијарди долари за одговор на кризата во периодот од април 2022 година. и јуни 2023 година“, рече Малпас.

Програмата е продолжение на финансирањето на корона пакетот од Светска банка од 160 милијарди долари. Малпас истакна дека дел од средствата ќе бидат насочени за поддршка на земјите кои примиле бегалци од Украина, како и за помош за решавање на проблемите во земјите погодени од недостиг на храна.

Тој најави дека земјите-членки на Светска банка и ММФ оваа недела ќе разговараат за нова помош за Украина и дека очекува голем број земји донатори да објават конкретни суми на средства што ќе ги обезбедат.