СДСМ: Во преговорите со ДУИ сме согласни во неколку точки

11

Разговорите за ново парламентарно мнозинство продолжуваат, велат од СДСМ
СДСМ велат дека во преговорите со ДУИ за формирање на парламентарно мнозинство и формирање нова влада, се целосно согласни во неколку точки, меѓу кои и почитувањето на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.

„Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ“,

пишува во соопштението од СДСМ.
Додаваат дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.

„Партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен. Разговорите за ново парламентарно мнозинство продолжуваат, потребно е стабилно мнозниство во Собранието кое ќе обезбеди формирање нова одговорна Влада која ќе движи силно напред по европскиот пат“, велат од СДСМ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера рече дека преговорите траат, но договор сè уште нема.