СДСМ ги повика пратениците да гласаат за францускиот предлог, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за предавство

0

Последниот европски предлог за почеток на преговорите со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции, порача денес владејачката СДСМ на стартот на денешното продолжение на собраниската расправа за францускиот предлог.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак денот го почнаа со закани кон премиерот Димитар Ковачевски и обвинувања дека постапува „спротивно од волјата на народот“.

Меѓутоа острата реторика на опозициската партија не ја премисли СДСМ од каде и денес ја повторија оценката дека францускиот предлог не е штетен за државните интереси.

„Прво, предлогот јасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија. Второ, сите билатерални прашања со Бугарија, но и било кои други билатерални прашања со било која друга држава, особено соседна, не се дел од преговарачката рамка со Брисел. Трето, со европскиот предлог, се дефинира одржување на првата меѓувладина конференција веднаш“, соопштија од владејачката партија.

Од СДСМ потсетија и дека нивната пратеничка група во Собранието поддржана од пратениците од владејачкото мнозинство, предлага заклучоци за заштита на јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ.

„Со овие заклучоци се задолжува Владата, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија“, велат од СДСМ.

Притоа од СДСМ повикаа сите пратеници да се вклучат во процесот на носењето на заклучоците, да дадат свој придонес во работата на Собранието, водејќи се од стратешките и националните интереси.

„По 17 години во чекалната конечно имаме шанса да ги започнеме преговорите со ЕУ како Македонци со чист македонски јазик, време е сите пратеници да дадат свој придонес во реализација на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ“, порача утрово владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ по сумирањето на вчерашниот ден пристигнаа канонада обвинувања до шефот на Владата Димитар Ковачевски со закана дека „ќе лежи во затвор за тоа што и го прави на Македонија и на народот“.

„Предавникот Ковачевски спротивно на волјата на народот го турка предлогот за бугаризација. Во тоа свое предавство сака да ги вовлече и пратениците од СДСМ кои во Собрание треба да ја гласаат информацијата“, се вели во соопштението на опозициската партија.

Во обвинувањата до претседателот на Владата, тие наведуваат дека го „игнорира народот кој протестира“ и дека „е подготвен да го жртвува јазикот, историјата и идентитетот“.

„Власта свесно ја понижува државата, и жртвата на народот во Втората светска војна и Илинденците, кога сме биле на вистинската страна на историјата. Ковачевски сака да ја ретушира историјата. За ваквиот однос на Ковачевски кон државата и народот ќе има одговорност“, порача ВМРО-ДПМНЕ.