СДСМ: Потребна е вонредна состојба, следуваат економски мерки за ублажување на ударот врз стопанството

9

Согласно анализите и проекциите за економските последици, Владата подготвува сет економски мерки за помош на стопанството, фирмите и граѓаните, за помош на најпогодените. Веќе се замрзнати цените на основните продукти: на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури, се вели во соопштението на СДСМ.

„За побрзо и поефикасно надминување на последиците од коронавирусот неопходно е воведување на вонредна состојба со што ќе се постават поефикасни механизми за помош на здравствениот сектор, но и механизми за итна, навремена и ефикасна помош кон стопанските гранки кои се најмногу погодени од вирусот.

Државните институции работат во полн капацитет, непрекинато максимално посветени и несебично се ангажираат да продолжат да ја држат ситуацијата под контрола. Веруваме и во капацитетот на институциите и на граѓаните и очекуваме дека нивната одговорност и сплотеност ќе помогнат во справувањето со вирусот ковид-19“, соопшти СДСМ.