СДСМ: Раст на БДП од 3%, раст на извозот од 29%, економијата е стабилна

0

Бројни позитивни параметри потврдуваат дека македонската економија е стабилна и подготвена за справување со претстојните глобални предизвици. Потврда за тоа е растот на БДП од три отсто во третото тромесечје од 2021 година, се вели во денешното соопштение на СДСМ.

„Покрај растот на БДП, бележиме и раст на извозот кој во првите 10 месеци од годината е зголемен за 29% во однос на минатата година. Дополнително, Народна банка потврди дека денарот е стабилен и граѓаните не треба да се вознемируваат од информациите кои ги пласираат одредени медиуми.

Како одговорна и социјалдемократска партија продолжуваме да преземаме мерки што значат вистинска грижа за граѓаните и заштита на нивниот економски стандард.

Во тој правец е и владината одлука за замрзнување на цените на основните продукти до 31 јануари 2022, кои не смеат да бидат повисоки од цените кои биле на први декември 2021 година. И во 2022 ќе продолжат да растат платите и пензиите.

Минималната плата од јануари ќе изнесува 18.000 денари, со новата методологија за законско усогласување, пензиите ќе растат два пати во годината, меѓу 400 и 600 денари, во зависност од износот на пензијата. Буџетот е стабилен и ликвиден, државата има доволно пари за помош на граѓаните и компаниите за надминување на предизвиците што претстојат.

Следува и субвенционирање на трошоците за електрична енергија за ранливите категории граѓани и семејства со оглед на предизвиците со цената на струја.

Сето ова ќе доведе до зајакнување на економскиот стандард на граѓани во време кога целиот свет се соочува со енергетска и економска криза.

Како одговорна продолжуваме да обезбедуваме повеќе пари кај граѓаните, продолжуваме со реализација на мерки и политики во интерес на стопанството“, соопшти СДСМ.