СДСМ се подготвува за статутарни измени, од наредната година претседателот на партијата ќе го избираат партиските членови

15

Социјалдемократскиот сојуз на крајот на септември или почетокот на октомври ќе одржи вонреден конгрес на кој ќе се смени начинот на избор на претседател на партија, а се предвидуваат и други статутарни измени.

Претседателот на партијата Зоран Заев вчера изјави дека претседателот на партијата од април наредната година ќе се избира на непосредни избори од партиските членови. Мандатот на Заев и на актуелниот генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски истекува во април 2021.

На конгресот во септември/октомври ќе има статутарни измени и во делот на генералниот секретар со цел вицепремиерот Љупчо Николовски да ја задржи и партиската функција во СДСМ, бидејќи според сегашните правила, оваа партиска функција е неспоива со извршната власт.

Според Статутот, генералниот секретар на партијата учествува во градењето на политиката на СДСМ, се грижи за кадровските прашања на СДСМ и се грижи за финансиското работење. Николовски, во новоизбраната влада на Заев е поставен за вицепремиер задолжен за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси.