СДСМ: Следува формирање влада предводена од нас, нема повеќе враќање назад

12

Следува формирање Влада предводена од СДСМ која ќе испорача резултати согласно волјата на граѓаните, порачаа социјалдемократите утрово преку соопштение испратено до медиумите.

Подготвени сме, велат да работиме уште повеќе и подобро и да го испорачаме резултатот кој го очекуваат граѓаните.

„Поддршката на предвремените парламентарни избори од граѓаните е ветер во грбот и јасен сигнал за продолжување на патот кој го трасиравме. Парите да завршуваат кај граѓаните, да има правда, да бидеме дел од европското семејство. Со победа на СДСМ и коалицијата, граѓаните недвосмислено потврдија дека сакаат државата да продолжи напред. Нема повеќе враќање назад, нема повеќе режим, неизвесност и несигурност“, наведуваат од СДСМ.

Оваа партија и коалицијата „Можеме“ освоија 46 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Обнова на Македонија“ добија 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник.

И ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе разговара за да формира влада, а Централниот комитет му даде овластување на лидерот Христијан Мицкоски да ги води разговорите. Кога се врачуваа мандатите во саботата на свечена седница на ДИК, генералниот секретар на партијата Игор Јанушев не сакаше многу да коментира до каде се преговорите, туку само кратко посочи дека една од варијантите е ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи владата, како и дека има неформални контакти, но оти очекува сите да бидеме благовремено информирани кога сето тоа ќе заврши.