Северна Кореја под будното око на САД поради „божиќниот подарок“

4

Соединетите Американски Држави будно ја следат Северна Кореја и знаците за евентуално лансирање на ракета или нуклеарна проба во наредните денови, што Пјонгјанг претходно го најави како „божиќно изненадување”.

Позначајно лансирање или тестирање во Северна Кореја би означило крај на самопрогласениот севернокорејски мораториум и ќе ги зголеми тензиите во регионот, пренесе АП.

Исто така, би претставувало голем удар за една од главните иницијативи на надворешната политика на администрацијата на Доналд Трамп, односно обидот Северна Кореја да се врати на преговорите за да се елиминира нејзиното нуклеарно оружје и ракети.

На почетокот на декември, официјални лица од Северна Кореја предупредија на можен „божиќен подарок“, наведувајќи дека на администрацијата на Трамп ѝ истекува времето за спасување на нуклеарните преговори и дека од Вашингтон зависи да избере каков „божиќен подарок“ сака да добие од Пјонгјанг.

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер претходно оваа недела изјави дека Вашингтон ја слушнал приказната за можен тест околу Божиќ, на што предупреди и специјалниот пратеник Стивен Биган.