Седум милиони деца во Украина се загрозени поради уништувањето на енергетскиот сектор

2

 

Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина носат зголемени ризици за „речиси сите деца во Украина, односно седум милиони деца“ во време кога зимските температури продолжуваат да се намалуваат, предупреди УНИЦЕФ.

Без стабилно снабдување со електрична енергија, вода и греење, „децата не само што се соочуваат со екстремен студ – зимските температури може да паднат под 20 степени Целзиусови под нулата – туку тие не можат ниту да учат онлајн, што е единствениот начин на школување за многу од нив, затоа што има толку многу оштетени или уништени училишта“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.

Дополнително, здравствените установи не можат да даваат основни услуги, а оштетените системи за водоснабдување ги зголемуваат и онака многу високите ризици од заразување со пневмонија, грип, болести од загадена вода и Ковид-19.

„Покрај непосредната закана предизвикана од студот, децата не можат ниту да учат, ниту да бидат поврзани со пријателите и семејството, што може да биде голема закана за нивното физичко и ментално здравје“, наведе генералната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел во соопштение за медиумите.

Досега, 40 отсто од капацитетите за производство на енергија во Украина се уништени и покрај напорите да се поправат. Енергетскиот систем може да покрие само 70 отсто од побарувачката, според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).

УНИЦЕФ посочува дека во моментов се потребни 1,1 милијарди американски долари за 9,4 милиони луѓе во Украина, вклучително и четири милиони деца, за да им обезбеди здравствена заштита, храна и вода, хигиена и социјална и друга заштита.