Сеизмолог: Загреб сѐ уште под закана од катастрофален земјотрес!

21

Томислав Фикет од хрватската сеизмолошка служба изрази стравување дека Загреб би можело да се соочи со силен земјотрес, со проекција на сила до триесет пати посилен од оној што предизвика голема материјална штета на 22 март.

Според хрватскиот портал Индекс, разорниот земјотрес во Загреб од март годинава зад себе оставил голема материјална штета и ги сменил животите на загребчани. Особено на оние кои чекаат реконструкција на уништениот, но и на многумина кои се во постојан страв од нов голем земјотрес во хрватскиот главен град.

По тој земјотрес во март, земјата во Загреб сѐ уште не се смирува. Послаб потрес е регистриран и изутринава. Хрватскиот сеизмолог Томислав Фикет, сепак, вели дека тресењето се очекува да продолжи, бидејќи сѐ уште се случува релаксација на тлото.

Запрашан дали може барем да ги смири луѓето во Загреб дека тие се безбедни од поголем и посилен земјотрес, тој вели:

„За жал, не. Би можел тоа да го кажам само ако тој посилен потрес веќе се случеше“.

Според него, тоа би значело дека Загреб би можело да бде погоден од земјотрес со јачина од 6,3 до 6,5 степени според Рихтеровата скала, што е земјотрес триесет пати посилен од оној што предизвика голема материјална штета во Загреб на 22 март.