Секој четврти тестиран во земјава е позитивен, омикрон руши рекорди и во Европа

15

Секој четврти тестиран за ковид-19 во земјава е позитивен на вирусот, покажуваат статистиките на Министерството за здравство. Вчера од 7 123 тестирани граѓани дури 1 822 беа позитивни што е околу 25,5 отсто. Слично беше и ден претходно кога забележавме рекордни 1 964 новозаразени од 7 724 тестирани што исто така е околу 25,4 отсто.

Во моментов во земјава активни се 13 478 случаи со коронавирус, а според последните податоци омикрон варијантата e детектирана кај 68 отсто од секвенционираните примероци направени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје.

Исто така, зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, а бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат.

Високи бројки на заразени бележат сите земји во регионот и пошироко. Во Србија, на пример, вчера беа регистрирани 12 877 случаи, а починаа 26 лица.

Рекордни бројки на заразени од ковид-19 има и во Словенија, каде што секој втор тестиран бил позитивен. Вчера во оваа држава беа регистрирани 7 420 лица инфицирани со Ковид-19, што беше нов дневен рекорд. Словенечкиот Национален институт за јавно здравје (НИЈЗ) соопшти дека од 14 814 ПЦР тестови откриени се 7 420 случаи што значи дека половина од тестирани биле позитивни.

Во Германија пак, вчера за првпат од почетокот на пандемијата беа регистрирани над 80 000 новозаразени. Франција пак, веќе неколку дена на дневно ниво бележи повеќе од 300 000 новозаразени. Вчера оваа земја регистрираше 361 719 нови случаи и 249 смртни случаи.

Поради големиот број на заразени Швајцарија најави дека ќе го преполови времетраењето на карантинот на пет дена за да и помогне на економијата да се справи со пандемскиот бран на омикрон.